Американскиот претседател Доналд Трамп во телефонско интервју за NBC изјави дека не се шегува кога зборува за можноста за трет претседателски мандат, додавајќи дека е премногу рано да се размислува за тоа.

Трамп не ја отфрли можноста повторно да се кандидира за Белата куќа и покрај фактот што Уставот на САД, според 22-от амандман, јасно забранува повеќе од два мандати. Трамп рече дека има начини тоа да се направи.

„Многу луѓе сакаат да го сторам тоа“, рече Трамп.

„Но, најмногу им велам дека ни претстои уште долг пат, знаете дека сме само на почетокот на мандатот? Јас сум фокусиран на она што е пред мене сега“, додаде тој во еден од неговите најдиректни коментари досега на тема можен трет мандат.

На прашањето дали навистина сака уште еден мандат, Трамп одговори: „Сакам да работам“. На прашањето дали е сериозен, тој рече: „Не се шегувам. Но, не е тоа… рано е да се зборува за тоа“.

На прашањето дали веќе видел конкретни планови што ќе му овозможат да се кандидира за трет мандат, тој одговори: „Постојат начини на кои тоа може да се направи“.

Ен-Би-Си Њуз спомена можно сценарио во кое потпретседателот Џеј-Ди Венс би се кандидирал за претседател, а потоа власта би ја префрлил на Трамп. Трамп одговори: „Тоа е една опција. Но има и други“. На прашањето дали може да открие други можности, Трамп отсечно рече: „Не“.

Промената на Уставот за да се отстранат ограничувањата на претседателските мандати е процес кој е исклучително тежок – потребно е двотретинско мнозинство во Конгресот или поддршка од две третини од државите за да се свика уставна конвенција, а потоа ратификација во три четвртини од државите.

Трамп ги наведе резултатите од анкетата, велејќи дека многумина сакаат тој да остане претседател и по трет мандат. Тој и претходно ја коментираше идејата за трет мандат, иако многу републиканци неговите изјави ги протолкуваа како шега или провокација насочена кон неговите противници.

Претставникот Енди Оглс од Тенеси веќе подготви резолуција со која ќе се овозможи продолжување на претседателскиот мандат, што би ја отворило вратата за Трамп повторно да се кандидира.

Во меѓувреме, неговиот близок соработник Стив Банон изјави во интервју дека верува оти Трамп повторно ќе се кандидира и ќе победи во 2028. Во истото интервју, тој исто така рече дека постојат различни начини на кои може да се заобиколи уставната граница од два мандата.

Текстот Постојат начини да се кандидирам за трет мандат, рече Трамп; Уставот на САД дозволува два мандати е превземен од МАКФАКС.