Утрово во Ватикан започна симболична и логистички значајна операција – пожарникарите почнаа да го инсталираат веројатно најпознатиот оџак во светот, оној на покривот на Сикстинската капела. Преку него, во наредните денови, ќе му се сигнализира на светот текот на конклавата – со црн чад ако папата не е избран, или со бел чад кога ќе се избере 267-от поглавар на Римокатоличката црква.

Се очекува првиот чад од оџакот да се појави во среда попладне, откако кардиналите ќе започнат затворена изборна постапка, позната како конклава. Во овој изборен процес учествуваат 133 кардинали, а за еден од нив да биде избран за папа, мора да добие двотретинско мнозинство гласови, пренесуваат светските медиуми.

На претходната конклава одржана во 2013 година, кога беше избран папата Франциско, на белиот чад му претходеа пет круга гласање, а изборот беше направен попладнето на вториот ден.

Ритуал и симболика во срцето на Ватикан
Едно гласање е закажано за првиот ден од конклавата, додека четири ќе се одржат во следните денови – две наутро и две попладне. Доколку по три дена не се избере ниту еден кандидат, постапката привремено се прекинува, така што кардиналите ќе имаат ден за молитва, меѓусебни дискусии и духовна обнова. На тој ден, духовната поука ја дава првиот кардинал од редот на ѓаконите.

Покрај традиционалниот сигнал преку чад, изборот на Папата од понтификатот на Јован Павле II исто така, се најавува со ѕвонењето на најголемото ѕвоно на базиликата „Свети Петар“.

Потоа, кардиналот се појавува на балконот на базиликата со зборовите познати на целиот свет: „Ви најавувам голема радост! Имаме папа!“

Додека очите на светот се насочени кон Ватикан, минута по минута се следат сите детали што го најавуваат големиот настан. Поставувањето на оџакот на покривот на Сикстинската капела, извршено од пожарникари под будното око на црковните и техничките екипи, е првиот знак дека сè е подготвено за уште еден историски момент во животот на Римокатоличката црква, според написите.

Текстот Поставен најпознатиот оџак во светот: првиот знак дека сè е подготвено за историскиoт момент е превземен од МАКФАКС.