Самир Хандановиќ после 11 години во италијанскиот великан Интер ќе си замине летово од „Џузепе Меаца“, откако ќе му заврши договорот, зашто не планира да ја продолжи соработката, објавија низа италијански портали блиски до „нераѕурите“.
Хандановиќ сезонава е воглавно резерва на Андре Онана, но бранеше за Интер во Купот на Италија. Сепак, не беше на голот во реваншот со Јувентус (1-0) за пласман во финалето поради директниот црвен картон од првиот меч со „старата дама“.
Иако навивачите на Интер го обожуваат, 38-годишниот cловенец е веќе во години и безмалку пред пензија, па планира заминување. Интеристите, пак, со парола му покажаа каков респект имаат кон него.
„Секогаш може да се гордееш дека припаѓаш тука. Милано секогаш ќе биде твој дом“, напишаа навивачите.
Словенецот во Интер дојде од Удинезе во 2012 година, а ланското лето потпиша едногодишно продолжување на договорот. Има едно „скудето“ со Интер, еден тројфеј во Купот, како и два Суперкупови, а сезонава може да ја заврши и со два пехари – во ЛШ и во Купот./Sport1/