Се’ уште е во бегство сомничениот за атентатот на Чарли Кирк, младиот конзервативен активист кој беше застрелан во вратот додека говореше на Универзитетот во Јута.

Единствената трага која властите ја имаат е наводно лице снимено на покривот на зграда спроти местото од каде што Кирк говореше во средата попладне.

Според информациите на официјалните лица, фаталниот куршум бил испукан од околу 60 метри оддалеченост од местото каде што седел Кирк.

Истовремено, има остри критики за недостигот на безбедносни мерки за време на говорот на 31-годишникот, кој се сметаше за гласот на младите за Трамп во САД.

На прес-конференција неколку часа по убиството, портпаролот на полицијата изјави дека шест негови колеги биле присутни на настанот, на кој присуствувале околу 3.000 луѓе.

„Во толпата имаше и неколку полицајци во цивилки“, додаде тој. Според него, Кирк имал и свој тим за обезбедување кој бил во координација со полицијата.

Последните зборови на Кирк

Кирк, кој седеше под шатор облечен во едноставна бела маица со натпис „Слобода“ и црни панталони, одговараше на прашања од публиката.

Нападнат бил кога еден член на публиката зел микрофон и го испровоцирал, прашувајќи за масовните пукања во САД.

„Дали знаете колку транс Американци извршија масовни пукања во последните 10 години?“, праша членот на публиката. Кирк одговори: „Многу“, на што толпата бурно реагирала.

Истиот човек потоа рече дека бројката е „пет“ и го праша Кирк дали знае колку вооружени масовни стрелци имало во Америка во последните 10 години.

„Дали ги броиме бандите или не?“, биле последните зборови на Кирк, пред да биде погоден во врат. Тој паднал од столицата.

Толпата почнала да вреска и да бега, а обезбедувањето брзо го однело Кирк во приватен автомобил и го пренеле во болница, каде што починал.

Полицијата засега не соопштила кој е осомничениот за убиството на соработникот на Трамп, ниту пак кој е мотивот зад атентатот.

Текстот Последните зборови на Чарли Кирк пред атентатот: Куршум го погоди соработникот на Трамп додека зборуваше за насилство е превземен од МАКФАКС.