На четвртиот, последен ден од договореното примирје, Израел го доби списокот со последните 11 заложници кои треба да бидат ослободени денеска, по 52 дена поминати во заробеништво на Хамас.
За време на паузата, што започна во петокот, беа ослободени десетици заложници, а повеќе од 100 палестински затвореници за возврат беа ослободени од Израел.
Хамас вчера соопшти дека на третиот ден од прекинот на непријателствата со израелската армија ослободил 13 израелски заложници, како и четворица странци – тројца тајландски и еден руски државјанин.
„Гардијан“, повикувајќи се на агенцијата „Фран прес“ пренесува дека вниманието сега е свртено кон тоа дали примирјето ќе биде продолжено пред неговото планирано завршување во вторник рано наутро.
Во соопштението објавено синоќа, Хамас вели дека сака „да го продолжи примирјето по завршувањето на четиридневниот период, преку сериозни напори да го зголеми бројот на ослободени од затвор како што е предвидено во договорот за хуманитарен прекин на огнот“.
Од друга страна, воениот кабинет на Израел вчера разговарал за можноста за продолжување на привременото примирје со Хамас, изјави израелски извор за Си-Ен-Ен.