ДРАГАН МИШЕВ
во соработка со Мониторинг тимот на Цивил
УСЛОВ НА ЗАХАРОВА ЗА „МИРОВНАТА ФОРМУЛА“ Западот да престане да испорачува оружје за Украина, ЗАХАРОВА СЕ ЗАКАНИЛА НА БРИТАНИЈА: „Запомнете дека имаме нуклеарно оружје“; Захарова: Авторите на резолуцијата за Сребреница да го повлечат тој документ; ЗАХАРОВА: Секоја агресија врз Крим ќе биде проследена со силна одмазда; РУСИЈА ПРИЛИЧНО ОСТРО Ѝ СЕ ЗАКАНИ НА ЕДНА СВЕТСКА ВЕЛЕСИЛА – „Ве очекуваат катастрофални последици“… ова се насловите кои последнава недела ги окупираа страниците на неколку македонски медиуми, повеќето докажани поддржувачи на политиката на Путин и на руската агресија врз Украина.
Во улога на измеќари на руските пропагандисти, овие медиуми некритички ги пренесуваат соопштенијата на руското МНР и отворените закани на неговата портпаролка, Марија Захарова со нуклеарно оружје кон Британија, и со разорувачки одмазднички удар врз западните сојузници доколку го поддржат нападот (за деокупација) на Крим, при тоа заборавајќи дека Северна Македонија е членка на западната Алијанса, и меѓу оние држави кој ја поддржуваат и помагаат Украина во нејзината праведна борба за ослободување од рускиот окупатор.
Антизападните соопштенија и закани од страна на руските пропагандисти и функционери кои зачестија особено по одобрувањето на пакетот странска помош во висина од 60 милијарди долари од САД за Украина и британските најавати за испраќање на ракети со долг дострел за украинската одбрана, наидоа на некритичко пренесување во македонскиот интернет простор од страна на посочените проруски медиуми.
Во пренесените текстови, извршителите на нарачките од руските нарачатели, никаде не спомнуваат дека нападот на Крим, е всушност украински обид за ослободување на привремено окупираниот полуостров Крим, кој руските агресори го окупираа (анектираа) во 2014 година, и дејствијата кои ги презема Украинската војска во таа насока се нејзино легитимно право за деокупација на својата територија.
Исто така, при пренесувањето здраво за готово, како апсолутна вистина на руските тврдења и закани за доставувањето и употребата на западното оружје за одбрана на Украина, при што се занемарува фактот дека Русија, во терористичките напади врз украинските градови и цивилната инфраструктура користи оружје од иранско, северно корејско производство и кинеска технологија.
Дополнителни, овие македонски медиуми, во трката кој ќе пренесе повеќе и побомбастични соопштенија од руското МНР, забораваат дека истото тоа МНР, министерот и портпаролката ја прогласија Северна Македонија како непријателска држава, легитимна цел на евентуална руска одмазда.
Најчесто, веќе традиционално, како што многупати досега нотираше Мониторинг тимот на Цивил, вестите кои се создадени во руските пропагандни кујни се преземени од српски портали.
Исто така, во содејство со српските колеги по русофилство, со копипејстирање на содржини во кои се глорифицира улогата на Русија во одбрана на српството преку негирање на геноцидот и резолуцијата за Сребреница, одат во спротивна насока со македонските ставови како коспонзори на резолуција во ОН.
Следејќи ги објавите на овие медиуми, се добива впечаток како Северна Македонија да е некоја зафрлена покраина во Руската Федерација и дека нивна (неформална) шефица е портпаролката на руското МНР, Захарова, а не суверена држава, членка на НАТО и кандидат за преговори за членство во ЕУ, што е всушност и целта на руската пропаганда.