Украинскиот пратеник и лидер на партијата „Европска солидарност“, Петро Порошенко, ги потврди извештаите за средба меѓу претставници на опозицијата и тимот на американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Укринформ“.
Средбата не била тајна и главно била посветена на одржување избори по завршувањето на воената состојба, нагласи поранешниот украински претседател, додава БТА.
Тој на Фејсбук напиша: „Со нашите американски партнери, работиме јавно и транспарентно на одржување на двопартиската поддршка за Украина“.
Порошенко потсети дека украинската опозиција постојано предлагала координирање на ваквите состаноци со владата и поканување на американскиот амбасадор да присуствува. Истовремено, тој нагласи дека опозицијата честопати јавно зборува за недостигот на комуникација меѓу раководството на Украина и американската администрација, „што создава ризици за државата“.
„Суштината на нашите разговори со американските претставници отсекогаш се засноваше на два принципа: прво, безбедност и мир преку сила. Поточно, тоа значи оружје, разузнавање, санкции против Русија, финансиска поддршка, демократска одржливост (слобода и демократија) и трансатлантско единство“, рече лидерот на „Европска солидарност“.
Тој, исто така, повтори дека неговата фракција секогаш била и останува цврсто против одржување на избори за време на војната.
„Рековме и продолжуваме да кажуваме дека избори може да се одржат само по прекин на огнот и потпишување на мировен договор со гаранции за безбедноста на Украина“.
„Во тој момент очигледно ќе биде укината воената состојба. Најдоцна 180 дена потоа мора да се одржат слободни и демократски избори за да се гарантира волјата на народот и довербата на слободниот свет“, додаде поранешниот украински претседател.