Поранешниот шеф на Формула 1, Жан Тод, сега претседател на Меѓународната автомобилска федерација (FIA), за германски „Билд“ раскажал непознати детали за улогата на сопругата на Михаел Шумахер во неговото одржување во живот по оштетувањата на мозокот.
„Поминав многу време со Корина од неговата повреда која се случи во 2013 година. Таа е прекрасна жена и таа го води целото семејство. Не очекуваше да биде вака, сè се случи толку брзо и едноставно немаше избор“, започнал тој.
Тој исто така изјавил дека Корина давала сè од себе за Михаел да преживее:
„Добра е во тоа, ѝ верувам и таа ми верува мене. Благодарение на докторите и кооперацијата со Корина која сакаше тој да преживее – тој преживеа, но со последици. А, сега се бори заедно со него. Се надеваме дека работите полека, но сигурно ќе се подобрат“, додал тој.
Да ве потсетиме, во документарниот филм на „Netflix“ за Шумахер Корина првпат јавно говореше за семејниот живот по трагедијата која се случи на француските Алпи во 2013 година.
„Никогаш не сум го обвинувала драгиот Бог за тоа што се случи. Тоа навистина беше лоша среќа. Не можеше да биде полоша“, изјавила Корина.