Поранешниот пакистански премиер Имран Кан и неговата сопруга Бушра Биби се осудени на 14 години затвор во случајот поврзан со нелегална продажба на владини подароци, објави синоќа весникот „Dawn“.
Пресудата на антикорупцискиот суд во Исламабад доаѓа еден ден откако Кан беше осуден на 10 години затвор во случајот за оддавање државни тајни, една недела пред националните избори.
Трет суд, исто така, во август го осуди Кан на три години затвор за продажба на повеќе од 140 милиони рупии (501.000 долари) државни подароци добиени за време на неговиот премиерски мандат 2018-2022 година.
Казната подоцна беше условна, но Кан останува зад решетки во врска со други случаи. Тој на судењето изјави дека ги купил предметите легално.
Владини претставници тврдеа дека помошниците на Кан ги продавале подароците во Дубаи.