Поранешниот италијански премиер Енрико Лета во интервју за белгискиот весник „Ле Соар“ бара ЕУ итно да се трансформира во Европска Конфедерација со сите земји кандидати и аспиранти за членство во Унијата, меѓу кои и Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Advertisements

МИА неодамна објави интервју со европратеникот Бернард Гета од партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, во кое тој изложи идентична идеја, со што се потврдува дека во многу кругови на ЕУ сериозно се разгледува оваа опција, бидејќи Брисел е свесен дека на Украина мора да и даде кандидатски статус, но и дека земјите од Западниот Балкан не можат да бидат запоставени.

Лета во интервјуто за белгиски „Ле Соар“ предлага „веднаш да се креира Европска Конфедерација со 36 земји“ – 27-те членки на ЕУ, шесте држави од Западниот Балкан и плус Украина, Молдавија и Грузија.

Лета, како и Гета, се залага за ЕУ со повеќе брзини, иако постојат разлики меѓу нивните идеи.

– Идејата е да имаме два круга, еден круг на ЕУ и еден поширок со Конфедерацијата. Во првиот круг не спречуваме да се оди понапред. На пример, со укинување на правото на вето и повеќе интеграција. Истовремено, 36-те земји би можеле да работат со полежерни правила. Тоа би било добра вежба за земјите кандидати. Додавам, и тоа е многу важно, дека тоа не значи автоматски влез во ЕУ. Може да имаме земји кои ќе влезат во Конфедерацијата, но не во ЕУ. Затоа што не сакаат или од политички причини. Тука мислам на прашањето Србија – Косово, на пример, кое мора да се реши и не може да се замисли членство во ЕУ пред негово решавање. Конфедерацијата не значи автоматски влез во ЕУ, но е предуслов за влез, објаснува поранешниот италијански премиер за „Ле Соар“.