САД му наредија на конзуларниот персонал кој не е неопходен да го напушти Шангај, град со 26 милиони жители, кој е под строги мерки поради наглиот пораст на случаите на ковид-19.
Во соопштението на Стејт департментот објавено доцна синоќа се вели дека е најдобро за вработените и нивните семејства е да се намали нивниот број, но и операциите на Стејт департментот.
Стејт департментот, исто така, издаде серија препораки за Американците во Шангај во кои се наведува дека треба да се погрижат да имаат доволно пари, лекови, храна и други неопходни работи во случај на воведување нагли ограничувања или карантин.
Голем број од 26-те милиони жители на градот се затворени во своите домови веќе три недели како дел од мерките за спречување на ширењето на ковид.
Многумина ја опишуваат ситуацијата како сè потешка, при што семејствата не можат да го напуштат домот или да купат намирници и да го подмират секојдневните потреби, додека оние што се позитивни на вирусот се принудени да одат во масовни центри за карантин каде што условите понекогаш се опишуваат како нехигиенски.
И покрај поплаките, Кина ја задржа својата стратегија на нулта толеранција на ковид, со строга изолација и масовно тестирање.
Властите во Шангај изјавија дека постепено ќе укинуваат некои ограничувања во населбите во градот каде што не се пријавени нови случаи на инфекција во изминатите две недели. Жителите ќе можат да се движат во населбите, но не и да се среќаваат во групи.