Хуманитарните коридори ќе бидат едно од главните прашања на третата рунда преговори Москва – Киев. Според главниот руски преговарач Владимир Медински, еден од коридорите во Украина не е функционален, но за тоа ги обвини украинските лидери кои не ја слушале власта во Киев и продолжуваат со огнот.
„Ќе се разговара и за сите три блока на прашања – внатрешно-политичкото регулирање, меѓународно-хуманитарните аспекти и прашањето за военото решение“, рече Медински.
Веќе е познато дека Москва настапува со барања за неутрален статус на Украина, признавање на руски суверенитет над Крим, демилитаризација на земјата, но воедно и за признавање на Доњецк и Луганск за независни републики.
Еден од украинските преговарачи, Давид Арахамија, во вчерашното интервју за Фокс Њуз кажа дека единственото прашање за кое нема да може да се постигне согласност со Русија се Крим и – како што додава, таканаречените републики Доњецк и Луганск.
„Украинската делегација не е подготвена за компромиси за прашањата за територијалниот интегритет на Украина. Позицијата по ова прашање ни е јасна, а за другите прашање сме пофлексибилни, но потребни се дополнителни гаранции“, порача Давид Арахамија – украински преговарач.
Арахамија во интервјуто додаде дека НАТО нема да се проширува во наредните пет до десет години и оти Украина е спремна да разговара со некакви модели за своја безбедност кои не би биле директно поврзани со НАТО, туку со билатерални гаранции со САД, Кина, Велика Британија и други западни држави.
Во меѓувреме, дел од украинските медиуми пишуваат дека Москва побарала Киев да му каже категорично „не“ на НАТО, да ги признае Крим, Доњецк и Луганск, а Зеленски да остане претседател на државата, доколку на чело на Владата биде поставен Јуриј Бојко, поранешен вицепремиер на Украина.
Инаку, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу соопшти дека преговорите Киев-Москва ќе се водат и на министерско ниво.
„Лавров рече дека е подготвен за средба во Анталија. Исто така, украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба рече дека ќе присуствува на состанокот. Двајцата напоменаа и јас да учествувам и да се одржи трилатерален состанок. Се надевам овој состанок ќе биде пресвртна точка“, рече Чавушоглу.
Овој состанок е закажан за 10-ти март.
Лука Андреев