Францускиот нуклеарен арсенал навистина би можел да помогне во заштитата на Полска, изјави полскиот претседател Анджеј Дуда во соопштение објавено денес.

Како што пишува „Политико“, Дуда, кој претходно побара Полска да смести дел од американското нуклеарно оружје на своја територија за да ја одврати руската агресија, рече дека француските боеви глави би можеле да ја зајакнат и полската одбрана.

„Верувам дека можеме да ги прифатиме обете решенија“, рече претседателот во интервју за Блумберг во Варшава. „Тие две идеи не се контрадикторни ниту меѓусебно се исклучуваат.“

Францускиот претседател Емануел Макрон предложи проширување на таканаречениот француски нуклеарен чадор на европските сојузници, поради стравувањата дека Русија еден ден би можела да го сврти погледот од Украина, која ја нападна во 2014 година и повторно во 2022 година, кон источниот дел на Европската Унија.

Со околу 300 нуклеарни боеви глави, Франција е единствената членка на ЕУ што поседува такво оружје и една од трите членки на НАТО, заедно со САД и Велика Британија.

Полска и Данска претходно изразија отвореност кон идејата да бидат под француска нуклеарна заштита. Во март, полскиот премиер Доналд Туск – кој доаѓа од соперничката партија на Дуда – изјави дека Полска „сериозно разговара“ со Франција за можноста, која доби на важност по предупредувањата од САД дека Белата куќа на Доналд Трамп можеби нема да ја гарантира безбедноста на Европа во иднина.

Варшава драматично ги зголеми своите конвенционални воени капацитети во последните години, соочена со руската агресија, па нејзините вооружени сили сега бројат 200.000 војници, најмногу во ЕУ – и се надева дека ќе изгради армија од половина милион во наредните години, пишуваат светските агенции.