Поликлиниката Железара доби нова медицинска опрема – дигитален мамограф со стереотакса и ултразвучен ЕХО апарат со две сонди набавен од Министерството за здравство.
Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити, кој денеска ја посети Поликлиниката изјави дека овој дигитален мамограф претставува најсофистицирана опрема што се користи во сите здравствени установи насекаде низ светот и важи за современа метода за скрининг на рак на дојка во рана фаза. Со набавката на апаратот ќе се подигне и забрза квалитетот на здравствената заштита за пациентите.
За наредната година се планира зголемување на бројот на кабинети за скрининг на рак на дојка согласно утврдените правила и протоколи донесени од страна на Националната комисија за скрининг и рана детекција на рак на дојка. Се искреира скрининг амбуланта на торакална хирургија за пациентки од скрининг кои имаат направено ехо мамографија, биопсија и потврден хистопатолошки наод и истите дирекно од д-р специјалист радиолог се упатуваат во амбуланта на торакална за одредување на термин за операција. Досега оваа можност др специјалисти радиолози ја немаа ниту во дијагностички процедури – истакна Меџити.
Заменик министерката Манолева потенцираше дека Министерството ќе продолжи со инвестирање во нова медицинска опрема, како и во унапредување на инфраструктурата и зајакнување на кадарот во јавните здравствени установи.
Во оваа прилика, сакам да апелирам за важноста на редовните превентивни прегледи за заштита на женското здравје. Навремениот преглед, особено кога станува збор за рак на дојка, може да спаси живот. Со скрининг програмата се опфатени жените во возрасната група од 45 до 69 години кои не направиле мамографија последните две години, а исто така и жените на возраст од 40 до 44 години, кои имаат член во семејството со рак на дојка или друг дополнителен ризик фактор, имаат можност самоиницијативно да се пријават за скрининг мамографија. Пријавувањето се врши на веб страницата или на телефонскиот број 15444. Скрининг мамографијата е бесплатна за жените во програмата, односно партиципацијата ја покрива Министерството за здравство – рече Манолева.
Директорот на Поликлиника Железара Александар Велјановски упати благодарност до Министерството за здравство што излезе во пресрет за набавка на дигиталниот мамограф.
На територија на општина Гази Баба друг мамограф нема и пациентите ќе имат можност тука да ги завршат своите прегледи. Поликлиника Железара во вредност од 3 милиони денари во тековната 2023 година набави дополнителна медицина опрема која ни беше неопходна во работата. За 2024 година имаме планирано неколку новитети, тоа е набавка на алерго тестови. Втора работа што ја планираме е еден од докторите по трудова медицина да биде пратен на субспецијализација, да отвориме пулмоалерголошка амбуланта и третата работа е дека сме во преговори за набавка на текса скен, за ова дополнително ќе разговараме со Министерство за здравство, кадешто е потребен за рано откривање на остеопороза кај пациентите – изјави Велјановски.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.