На маргините од испраќањето на папата Франциск во Рим, претседателите на САД, Доналд Трамп, Украина, Володимир Зеленски, Франција, Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер остварија „позитивна“ размена на мислења за ситуацијата во Украина, соопшти Елисејската палата.
„Потврдувам дека имаше размена на мислења меѓу претседателот и Трамп, Зеленски и Стармер, што беше позитивно“, изјави советник од Елисејската палата.
Иако постоеше можност за нова средба помеѓу Трамп и Зеленски по церемонијата, американскиот претседател го напушти Рим без дополнителна средба, јавуваат агенциите.
Претходно, Зеленски и Трамп накратко се сретнале во базиликата „Свети Петар“, седејќи на две столчиња без советници околу нив. Белата куќа соопшти дека разговорот бил „многу продуктивен“, особено во контекст на обидите за ставање крај на конфликтот меѓу Украина и Русија.
Трамп, кој интензивно врши притисок врз двете страни да постигнат прекин на огнот, во петокот изјави дека неговиот претставник остварил „продуктивни“ разговори со руското раководство. Тој повика на итен состанок на високо ниво меѓу Киев и Москва за финализирање на мировен договор.
Трамп веќе ги предупреди страните дека неговата администрација ќе се повлече од напорите за постигнување мир ако не се постигне договор наскоро. Средбата во Рим е прва лична средба меѓу Трамп и Зеленски откако во февруари имаа жестока расправија во Овалната соба.
Текстот Позитивна средба меѓу Трамп, Зеленски, Макрон и Стармер – Доналд си заминал од Рим е превземен од МАКФАКС.