Денес избувна пожар на туристичкиот крузер „Емпрес“ што плови по Нил во близина на Луксор во Египет. На бродот имало околу 60 италијански државјани, но никој не е повреден и сите патници се безбедни, потврди италијанското Министерство за надворешни работи Фарнезина, објавува „Ил Месаџеро“.

Фарнезина соопшти дека внимателно ја следат ситуацијата заедно со амбасадата во Каиро и дека министерот Антонио Тајани е информиран за сè. За какви било итни случаи, италијанските граѓани ги имаат на располагање броевите на амбасадата во Каиро и на Кризната единица.

Сите патници се згрижени
Евакуираните туристи веднаш беа згрижени од туристичките оператори Corsini Viaggi и Travco Tours.

Пожар предизвикан од краток спој
Според првичната истрага, пожарот избувнал во кујната на бродот додека бил закотвен во пристаништето на селото Асфун. Причината бил електричен краток спој во еден од кујнските апарати. Пожарникарите брзо го изгаснале пламенот пред да се прошири на остатокот од крузерот, а во инцидентот нема повредени туристи или членови на екипажот.

Истрагата е во тек
Сите патници се префрлени на други бродови од безбедносни причини, додека властите започнаа со инспекција на бродот за да ја утврдат точната причина за пожарот. За инцидентот е известено и државното обвинителство, кое ќе спроведе официјална истрага.

Фото: принтскрин

Текстот Пожар на крузер на Нил, евакуирани 60 италијански туристи е превземен од МАКФАКС.