Две лица загинаа на мостот што го поврзува анектираниот полуостров Крим и Русија. Руските власти првично ова не го нарекоа напад туку, како што соопштија, „вонредна состојба“.

Сепак, како што пренесува Би-би-си, според непотврдени информации денеска рано наутро се слушнале две експлозии.

Шефот на руската администрација на Крим, Сергеј Аксјонов, на Телеграм објави дека сообраќајот бил запрен и оти се случила „вонредна состојба“.

„Се преземаат мерки за обновување. Ги замолувам жителите и гостите на полуостровот да се воздржат од патување преку мостот и од безбедносни причини да изберат алтернативен копнен пат“, наведе тој.

Гувернерот на западниот руски регион Белгород подоцна соопшти дека две лица, родители на млада девојка загинале во инцидентот што тој го карактеризираше како „итен случај“.

Се огласи и руското Министерство за транспорт кое наведе дека не биле оштетени потпорите на мостот туку дека е зафатена само површината на патот.