Напаѓачот на бундеслигашот Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд најверојатно ќе отсуствува од фудбалските терени до Божик, најави неговиот татко Алф-Инге за норвешката телевизија ТВ2.
-Тој е релативно добро со оглед на ситуацијата, но ќе паузира уште извесно време. Би било бонус кога би заиграл пред Божик, но тоа е малку веројатно, изјави Алф-Инге Халанд.
Норвешкиот голгетер е надвор од терените од 20 октомври кога го повреди колкот на натпреварот против Ајакс.
Халанд поради мускулна повреда паузираше и во септември, но, сепак, 21-годишниот напаѓач сезонава постигна 13 голови во сите натпреварувања.
Борусија Дортмунд е второпласирана во Бундеслигата со бод помалку од лидерот Баерн Минхен. (МИА)