Возачите во Мото ГП шампионатот кои пропуштаат најмалку три трки поради повреда ќе имаат можност да го тестираат својот прототип пред да се вратат на патеката. Новото правило беше воведено во прописите на Светското првенство по Големата награда на Шпанија, многу побрзо од очекуваното. Промената беше иницирана од Априлија со барање да му се дозволи на Хорхе Мартин да го тестира својот нов мотор, откако се повреди на првиот ден од предсезонските тестирања во Сепанг.

Откако ја освои титулата со Прамак Дукати, Мартин се пресели во Априлија, чиј мотоцикл го тестираше два дена по завршувањето на минатата сезона, и тоа само во Сепанг, каде што се здоби со скршеница на раката и ногата.

Шпанецот потоа ја скрши другата рака, поради што ги пропушти првите три трки од сезоната и се врати во Катар, каде што, за жал, доживеа уште една несреќа, во која се здоби со скршеници на 11 ребра, што доведе до пневмоторакс, поради што сигурно ќе отсуствува од патеката барем до јули.

Новото правило наведува дека доколку некој возач пропушти најмалку три трки или е отсутен од патеката 45 дена во кое било време од првиот тест до последната трка во сезоната – тој има право на еден ден тестирање пред да се врати на патеката.

Тој тест мора да биде организиран на патеката регистрирана од конструкторот според правилата за концесии или на која било патека каде што не е закажана трка до крајот на сезоната. Во секој случај, тестот не може да се организира во рок од осум недели пред трката на таа патека.

Дополнително, правилникот наведува дека користените гуми ќе се сметаат во рамките на распределбата на тест тимот на конструкторите за една сезона, а може да се користат максимум три сета.

Со оглед на моменталната ситуација, Мартин ќе има можност да направи тестирање пред да се врати на патеката, а реална опција за тоа е патеката „Анхел Нието“ во Херез, бидејќи таму трката се возеше пред две недели.

Во зависност од тоа кога ќе се врати на патеката, ќе има и други опции, како што е потенцијално тестирање на патеката во „Муѓело“, а секако и некои од патеките каде што Априлија има приватно тестирање.

Следната трка од шампионатот Мото ГП се вози претстојниот викенд на Големата награда на Франција во Ле Ман.

Текстот Повредата на Мартин ги натера челнците на Мото ГП да сменат едно правило е превземен од МАКФАКС.