Повеќе од половина од Украинците, 52 проценти, веруваат дека САД вршат притисок врз нивната земја да се согласи на неправеден мир со Русија, според најновото истражување на Киевскиот меѓународен институт за социологија (KIIS), објавено од украинскиот „Gwara Media“.

Ова претставува значително зголемување во споредба со август, кога 38 проценти од граѓаните го делеа ова мислење.

Аналитичарите на Институтот наведуваат дека, и покрај фактот дека Украинците генерално сè уште го поддржуваат партнерството со Западот, овој пад на довербата може да влијае на јавното расположение во врска со понатамошниот тек на војната.

„Многу динамична“ перцепција за американската политика“
Тие објаснија дека зголемувањето на бројот на оние кои се сомневаат во американската поддршка е резултат на намалувањето на уделот на граѓани кои биле неодлучни за ова прашање во август.

Перцепцијата за американската политика во Украина оваа година, истакнуваат тие, е многу динамична. Во март, само 24 проценти од испитаниците ги сметале САД за сигурен сојузник, што е најниско ниво забележано од почетокот на руската инвазија. До почетокот на август, тој удел се искачил на 42 проценти.

Во исто време, 38 проценти од испитаниците ја гледаа американската политика критички, додека еден од пет, или 19 проценти, немаа формирано мислење.

Ставови кон Европа
Анкетата, исто така, покажа зголемување на бројот на оние кои веруваат дека европската поддршка слабее и ја принудува Украина да прави отстапки кон Русија – овој процент сега изнесува 38 проценти, додека во август беше 27 проценти. И покрај ова, мнозинството испитаници, 58 проценти, остануваат убедени дека Европа ја поддржува Украина и сака праведен крај на војната.

Фото: принтскрин

Текстот Повеќе од половина од Украинците веруваат дека САД ги принудуваат на неправеден мир, според истражувањата е превземен од МАКФАКС.