Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска во Собранието повторно го критикуваше претседателот на Републиката – Зоран Милановиќ, велејќи дека „го поткопува кредибилитетот на земјата во Европската унија и НАТО“ и уште еднаш ја повика опозицијата да го поддржи учеството на Хрватска во активностите на НАТО за поддршка на Украина.

Со обвинувања против Милановиќ, Пленковиќ се обиде да ги убеди пратениците од опозицијата да гласаат за владиниот предлог за поддршка на Украина. За да биде усвоен предлогот на Владата, на Пленковиќ му е потребно двотретинско мнозинство гласови во парламентот.

Пленковиќ рече дека поради Милановиќ во НАТО не знаат дали Хрватска ќе остане сигурен сојузник или ќе им го сврти грбот во време на неволја.

„Не знаат дали ние сме земја што ќе и помогне на жртвата“, рече премиерот при претставувањето на годишниот извештај за работата на Владата во хрватскиот парламент.