Предизвик за новото раководство ќе бидат платите на вработените и дигитализацијата во училиштата.

Досегашниот претседател на СОНК Јаким Неделков пред почетокот на Конгресот изјави дека една од стратешките цели на идниот состав на Синдикатот ќе биде исплатата на платите согласно промената на минималната плата.

– Тоа ќе биде една од нашите стратешки цели наредниот мандатен период. Државата, власта и министерствата мора да ги почитуваат законите. Впрочем, се работи за Закон за минимална плата кој ги обврзува властите да испаќаат плата согласно промената на минималната плата. Тоа, за жал, не е направено, изјави Неделков.

Како предизвик за следното раководство, според Неделков, останува и воведувањето на дигитализацијата во училиштата. Смета дека дигитализацијата е добар начин за учење, но дека треба да се создадат услови за нејзино воведување. Вели дека учебници мора да има и дека никој не смее да ја забрани нивната употреба.

Како позитивна работа донесена во изминатиот период, Неделков ги посочи трите колективни договори во делот на детската заштита, високото образование и културата со кои вработените во овие сектори имаат низа придобивки.

Осврнувајќи се на изминатиот мандатен период во кој тој беше на чело на Синдикатот, Неделков рече дека се донесени квалитетни документи кои ветуваат дека наредниот период синдикатот ќе продолжи многу поинтензивно да работи во остварување на правата и интересите на членовите. Како раководство посочи дека се соочиле со низа предизвици. Успеале да им помогнат на дел од своите членови чие вработување не било решено, но околу стотина, за жал, останале без работа.