Писмо од композиторот Волфганг Амадеус Моцарт од 1783 година било продадено на онлајн аукција на приватен европски понудувач за 440.000 евра.

Продажната цена на ракописот далеку ја надмина почетната цена од 100.000 евра, објави во петокот аукциската куќа International Autograph Auctions Europe, со седиште во Малага, јужна Шпанија. Аукциската куќа наведува дека интересот бил голем во САД и Азија.

Писмото на австрискиот композитор до францускиот издавач со германско потекло Жан-Жорж Зибер, напишано на германски, всушност се сметало за изгубено, соопшти аукциската куќа. Подоцна беше пронајдено во семејна архива.

Некои истражувачи веруваат дека писмото ги содржи првите траги од познатите квартети Моцарт и Хајдн.

На продажба беше и писмото на Џон Ленон на осум страници, адресирано до музичарот Ерик Клептон од 1971 година, во кое тој предлага основање нов „супер бенд“. Сепак, писмото не беше продадено.

„Имаше интерес, но не беше доволно да се даде понуда“, изјави портпаролот на аукциската куќа.

Почетната цена на писмото беше меѓу 80.000 и 100.000 евра.

Текстот Писмото на Моцарт продадено на аукција за 440.000 евра е превземен од МАКФАКС.