Потврдена е смртта на пет лица, откако експлозија предизвика пожар во трикатна станбена зграда во холандскиот град Хаг.
Додека под урнатините продолжува потрагата по преживеани, едно лице е извлечено живо, соопштија вчера вечерта пожарникарите. Четири други лица се повредени и биле итно пренесени во болница.
Градоначалникот Јан Ван Заанен рече дека има мала надеж дека другите жители ќе бидат спасени живи.
„Се подготвуваме за најлошото можно сценарио“, рече градоначалникот.
Службите за итни случаи претходно објавија дека до 20 лица се водат како исчезнати.
Причината за експлозиите не е позната.
Зградата делумно се урна по експлозијата, напишаа пожарникарите на „Икс“. Во експлозијата и пожарот што следеше се уништени пет стана.
Полицијата трага по автомобил кој веднаш по експлозијата се оддалечил од местото на настанот. Од жителите беше побарано да достават видео снимка од местото на настанот што може да помогне да се идентификува автомобилот.
Во Холандија веќе подолго време се случуваат експлозии и подметнати пожари кои погодија домови, деловни објекти и возила. Експлозиите, кои често се случуваат ноќе во влезовите или покрај зградите, предизвикуваат штета, но обично има малку жртви.
Полицијата верува дека нападите се извршени заради заплашување или уцена од ривалски банди за шверц на дрога. Холандскиот премиер Дик Шуф изрази шокираност од експлозијата и понуди владина помош. Загриженост изрази и кралското семејство.
Три лица загинаа во експлозија во станбен комплекс во Ротердам на почетокот на годината. Експлозијата била поврзана со нелегална лабораторија за дрога.
Текстот Пет лица загинаа во експлозија во зградата во Хаг е превземен од МАКФАКС.