Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска информираше дека македонската армија не била во можност позитивно да одговори на новото барање на Украина за воена помош.
Согласно ставот на Генералштабот на нашата армија, за жал овојпат не можеме позитивно да одговориме, затоа што станува збор за опрема која е дел од нашата формација, односно од потребата на македонската армија, информираше министерката Петровска.
Министерката ова денеска го изјави на редовниот годишен брифинг со медиумите.
Инаку, македонската армија досега во два наврата донираше воена опрема за Украина, која се бори против руската воена агресија од февруари 2022 година. Најголемиот дел од донираната опрема за Украина беше застарена и македонската армија не ја користеше.
извор: МЕТА