Бугарскиот премиер Кирил Петков повтори дека за него Собранието е последната инстанца од евентуалното решение на спорот со Скопје, откако вчера претседателот Румен Радев најави и можно свикување на референдум за темата. Петков не одговори на обвинувањата на шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска дека Владата води паралелни преговори, но истакна дека нема да отстапи од веќе усвоената Рамковна позиција.

Advertisements

„За планот на Франција, кој го немам видено црно на бело, можам да кажам дека ние сме секогаш отворени и подготвени да разговараме со сите европски партнери ако имаат некакви предлози кои имаат смисла. Но, ќе повторам дека тие треба да се во согласност со Рамковната позиција на Бугарија и што и да се направи ќе треба да помине во Парламентот“, рече Петков.

Токму Рамковната позиција е спорен документ за македонските власти, бидејќи во него се бара стриктно исполнување на Договорот за добрососедство, но и означување на македонскиот јазик со фуснота, како наречје на бугарскиот до 1944-тата година.

Студен туш за интеграцијата пристигна и од Европската народна партија, која деновиве заседаваше во Ротердам. Иако поддржува отпочнување преговори, најголемото политичко семејство во Европа прстот го впери кон Скопје. Во најновата Резолуција на ЕПП се вели дека преговарачката рамка за Македонија не е усвоена поради неспроведување на Договорот со Бугарија.

„Повикуваме двете страни и ЕУ да постигнат заемно прифатлив патоказ кој може со добра волја да гарантира спроведување на билатералниот договор… Ние цврсто го охрабруваме граѓанското општество и владините институции да преземат соодветни мерки за историско помирување: да се надминат поделбите меѓу различните етнички и национални групи, вклучително и граѓаните со бугарски идентитет и потекло“, наведоа од ЕПП.

Иако расте песимизмот за решавање на спорот до Самитот на ЕУ, закажан за 23 јуни, сепак од македонското МНР велат дека се во постојана комуникација со бугарските колеги за надминување на разликите за време на француското евро-претседателство. Но, од МНР нема конкретен одговор кога во Скопје ќе се состанат тимовите кои преговараат за отворените политички прашања.

Лука Андреев