Како премиер не преземам никакви обврски самостојно, порача бугарскиот премиер Кирил Петков во изјава на тема за тргање на бугарското вето за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
„Ако нешто се случува на таа тема, тоа прво треба да биде на ниво на Министерството за надворешни работи, потоа да помине во владата, кај коалицијата, да се донесе одлука меѓу коалициските партнери, потоа да влезе во парламентот и таму да се реши за да може да се преземат некакви ангажмани. Процедурата е многу јасна и многупати јасно ја повторувам. Лажна вест е дека премиерот имал некаков самостоен договор“, изјави Петков.
Коментарот на бугарскиот премиер доаѓа откако во посета на Софија беше еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој изрази очекување во рок од три недели Бугарија да се согласи за тргање на ветото и старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.
„За три недели ќе се вратам во Софија за да најдеме заеднички јазик и поддршка од Бугарија за започнување на преговарачкиот процес со Република Северна Македонија во јуни“, напиша Вархеји на Твитер по вчерашната средба со Петков.