На 11 септември 2025 (четврток), во Мултимедијалниот центар Мала станица ќе биде отворена самостојната изложба на уметницата Калиопи Трпчева, во 20 ч. Поставката ќе биде достапна за широката публика во текот на две недели.
„Концептот на „Патување“ (проект – изложба) на Калиопи Трпчева е прикажување на уметниковите чувства преку ликови – портрети и фигури, а воедно е и експериментирање на мешавина од материјали, каков што е колажот и во сликите и во илустрациите. Насловот на изложбата – „Патување“ – сам по себе сугерира симбиоза на најважните вредности во животот, како и во уметноста. Со своите дела, како и во животот, Калиопи изнедрува продуховеност, промисленост и доследност, зрачејќи притоа со „уметност на радоста на животот“. Токму затоа, посебно би ја нагласиле „поврзаноста со детето“ на секое човечко битие, како нешто најдлабоко во секој од нас. Детето во човекот никогаш не мирува. Колку и да порасне, да се образува и да се труди да стане успешен, во својата душа човек останува немирно и наивно дете. Понекогаш се враќа во минатото и сфаќа дека сè се променило, но колку и да пораснал, во нeго секогаш постои тоа искрено дете што ќе живее вечно и кое ќе го тера да оди понатаму, ќе му зборува дека ништо не може да го запре и дека сè е можно.
Калиопи Трпчева е фасцинирана од процесот на изработка, кој претставува спој на хартијата и други материјали (златни ливчиња, салфетки, весници…), кои во тој процес се изедначуваат со бојата и стануваат една целина во сликите. Во постапката на создавање на илустрацијата следиме процес на вметнување на нови и нови цртежи, експерименти од дигитални четки и повторно, преку повеќе цртежи, составување на една конечна илустрација. Портретите и фигурите се одраз на уметниковите чувства, сеќавања од минатото, однесувањето, начинот на кој се доживуваме себеси во еден период од животот, своевидно патување низ животот. Во своите дела Калиопи Трпчева ни пренесува среќа, мир, тага и детали од секојдневието, а градот и куќите кои се претставени, се просторот и движењето на мислите, талкањето низ улиците со сопствените мисли, или, пак, темели на љубов, со кои ни го пренесува движењето низ времето на постоењето. Изворноста и едноставноста ги покажуваат човековата инспирација од животот и богатството на акумулирани сознанија, емоции, ставови и визии. Од оваа акумулација на податоци креативноста дава варијанти на отелотворение на човековиот дух низ творечка активност што се еманира во форма. Со искуството што го поседува, сликарката мошне умешно создава ликовна симбиоза. Кај Калиопи заживува ракопис што потсетува на детски цртеж, форми и предмети што се урбани генерациски постулати. Благодарение на сето тоа, енергијата проникната во овие дела, кои се прикажуваат за првпат, лесно го пронаоѓа вистинскиот пат до реципиентот и поведува на патување во вистинската смисла на зборот“, пишува во најавата за изложбата.
Родена на 16 март 1987 година во Кочани, Македонија, Калиопи Трпчева е сликарка и илустраторка. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на професорот Благоја Маневски, отсек сликарство и насока моден дизајн кај професорката Лира Грабул. Додека активно се занимава со сликарство, таа интензивно работи и со илустрација, особено за книги за деца. Уметнички пристап ја спојува илустрацијата во нејзините слики на платно, создавајќи живи и имагинативни композиции. Има учествувано на повеќе ликовни колонии во Македонија, како и на групни изложби.
Куратор на изложбата е Горанчо Ѓоргиевски.
Текстот „Патување“ на Калиопи Трпчева во „Мала станица“ е превземен од МАКФАКС.