Јужнокорејските парламентарци денеска ќе побараат импичмент на претседателот на земјата, кој прво прогласи, а потоа ја укина вонредната состојба, што ја предизвика најголемата политичка криза во земјата во последните неколку децении.

Прогласувањето на вонредната состојба предизвика судир меѓу претседателот Јун Сук Јеол и парламентот, кој го отфрли обидот за прекин на политичката активност и цензурирање на медиумите, при што вооружени војници влегоа во зградата на парламентот во главниот град Сеул.

Коалицијата на опозициски партии планира денеска на дневен ред да стави предлог за импичмент на јужнокорејскиот претседател, кој потоа треба да се гласа во рок од три дена.

Оставките веќе се понудени од шефот на кабинетот и секретарите на Јун, изјави претставник на кабинетот на претседателот.

Јун Сук Јеол во вторникот и се обрати на јавноста на телевизија за да ја објави одлуката за воведување вонредна состојба за одбрана на земјата од Северна Кореја и антидржавните сили и за заштита на уставниот поредок.

Набргу потоа следеа хаотични сцени. Војниците се искачија во зградата на парламентот преку скршени прозорци, додека воените хеликоптери летаа на небото. Вработените во Собранието се обидоа да ги оттурнат војниците прскајќи ги со пена од противпожарен апарат

Армијата соопшти дека ќе бидат забранети активностите на парламентот и политичките партии, а медиумите и издавачите ќе бидат ставени под надзор на воената команда.

Сепак, неколку часа по прогласувањето на вонредната состојба, 190 од 300 пратеници едногласно побараа нејзино укинување, меѓу кои и 18 претставници од партијата на претседателот. Затоа, Јун Сук Јеол мораше да ја повлече својата одлука, како што налагаат јужнокорејските закони.

Демонстрантите се собраа пред зградата на парламентот и извикуваа „Победа, победа“. Многу поголем број демонстранти се очекуваат во среда, кога митинг планира Корејската конфедерација на синдикати, која повикува на штрајк додека Јун Сук Јеол не поднесе оставка.

Американската амбасада ги повика граѓаните на САД да избегнуваат области каде се очекуваат протестни собири, додека некои од најголемите компании, како што е LG, ги советуваат вработените да работат од дома.

Водечката опозициска Демократска партија бара и оставка од претседателот, кој е на функција од 2022 година.

„Иако воведувањето воена состојба е запрено, тој не може да ги избегне обвинувањата за предавство. Претседателот Јун повеќе не може нормално да ја води државата. Тој треба да се повлече“, рече членката на партијата Парк Чан-дае.

За да помине барањето за импичмент во парламентот потребна е поддршка од две третини од пратениците. Во тој случај, барањето доаѓа до Уставниот суд, кој ќе ја донесе конечната одлука, а потребно е и двотретинско мнозинство или шест од девет судии да го потврдат импичментот.

Партијата на претседателот има 108 од 300 претставници во парламентот. Доколку Јун Сук Јеол биде разрешен или самиот поднесе оставка, тој ќе биде заменет од премиерот Хан Дак-су до нови избори.

„Јужна Кореја како нација избегна куршум, но претседателот Јун можеби си пукал во стапалото“, рече Дени Расел, потпретседател на тинк-тенкот Asia Society Policy Institute во САД.

Текстот Парламентот на Јужна Кореја бара импичмент на претседателот е превземен од МАКФАКС.