Папата Франциск денеска апелираше да се преземат конкретни нови мерки за ставање крај на војните во Украина и Газа по нападите врз детската болница во Киев и училиште во Појасот Газа. Папата ја изрази својата „длабока вознемиреност и болка“ поради растечкото насилство, соопшти прес-службата на Ватикан, пренесе МИА.
Римокатоличкиот поглавар „се надева и се моли дека може да се утврдат конкретни чекори за да се стави крај на конфликтот“, се вели во соопштението.
Руски проектил вчера погоди детска болница во Киев. Русија ја негираше одговорноста, инсистирајќи дека не напаѓа цивилни цели во Украина.
Во Газа, повеќе од 30 лица загинаа во израелски напад врз училиште во кое биле сместени раселени Палестинци, според локалните здравствени власти. Израелската армија соопшти дека екстремисти од Хамас дејствувале од училиштето.