Изборот на новиот папа не се случува како во филмот Конклава, изјави кардиналот од Келн, Рајнер Марија Воелки. Кардиналот ќе учествува во изборот на новиот поглавар на Римокатоличката црква.
Велки изјави за ДПА дека го гледал трилерот со Ралф Фајнс.
„Добро се забавував, но реалноста е сепак сосема поинаква“, вели.
Келнскиот кардинал е еден од 135-те кардинали кои го избираат наследникот на починатиот папа. Учествуваше и на конклавата во 2013 година, кога беше избран папата Франциско.
Како што рече, она што најпрецизно е прикажано во филмот е изолацијата на учесниците на конклавата во Систинската капела.
„Треба да се разликува самата конклава од таканаречената претходна конклава. Тогаш се собираме, разговараме, ги изнесуваме нашите ставови. Има кафе паузи, состаноци за вечера, се запознаваме. Се разбира, тогаш се искажуваат различни мислења. Тоа е она што му претходи на главниот настан. И кога самата конклава започнува, тоа е веќе еден вид прекин – што веќе јасно се гледа од фактот дека сите кардинали се преселуваат во Домот Санта Марта“.
„Таму мора да се предадат сите електронски уреди, сите мобилни телефони. Секој добива своја соба. Многу добро се сеќавам кога последен пат стигнав во мојата соба. Прозорците беа запечатени, ролетните затворени. Не можев да ја видам дневната светлина“.
Кардиналите јадат заедно, се молат на миса и секој ден одат од Санта Марта до Сикстинската капела.
„Станува збор за 500, 600 метри. Обезбедено е возило за старите лица и оние со потешкотии во движењето. Се’ се одвива во одлична атмосфера на молитва“, објаснува Велки.
„Нема големи емотивни испади, како што е прикажано во филмот. Во претходната конклава може да има нешто пожешко, нешто поконтроверзно, можам да го замислам тоа, и тоа е добро. Така ги спојуваме различните погледи на Црквата од целиот свет и заедно одиме кон одлука. Во самата конклава има поинакво расположение”.
Папата Франциско, додаде, и тука го покажал патот, бидејќи особено посветил внимание на синодалната заедница.
Така, тој воведе нов стил на однесување, каде најпрвин достоинствениците се слушаат меѓусебно и го слушаат Божјиот глас.
„И моите лични искуства потврдуваат дека Бог води од различноста кон единство. Наша задача е да се отвориме, за да препознаеме каде сака да нè води. Препознавањето на тоа е голем предизвик“, изјави.