Папата Франциско добро се одмори во текот на ноќта, соопшти денеска Ватикан, откако 88-годишниот папа имаше респираторни проблеми еден ден претходно додека се бори со билатерална пневмонија во болница. Франциско е во римската болница Гемели од 14 февруари, а вчера имаше две епизоди на акутна респираторна инсуфициенција, соопшти Ватикан.
Морале да го поврзат на неинвазивна механичка вентилација за да му помогнат полесно да дише. „Папата спиеше цела ноќ и продолжува да се одмора“, објави накратко Ватикан. Целосните медицински информации за состојбата на Папата се очекуваат вечерва.
Папата Франциско не е виден во јавноста откако беше примен во болница, што е негово најдолго отсуство откако го започна својот понтификат во 2013 година, а неговите лекари не кажаа колку долго би можело да трае неговото лекување.
Вчерашното влошување следеше по неколкудневните релативно оптимистички извештаи за неговата состојба. Ватикан соопшти дека двете респираторни епизоди биле предизвикани од акумулација на ендобронхијална слуз. Папата доживеа и бронхоспазам, сличен на напад на астма, поради што лекарите беа принудени да направат две бронхоскопии за да ги прегледаат неговите дишни патишта.
Сè уште треба да се внимава во однос на прогнозата, соопшти денеска Ватикан, што значи дека сè уште не е надвор од животна опасност. Анонимен претставник на Ватикан изјави дека крвната слика на папата Франциско вчера била стабилна. Лекарите на папата веруваат дека респираторната епизода е дел од нормалниот одговор во борбата против инфекцијата, додаде официјалниот претставник.
Текстот Папата добро се одмори преку ноќ: „Остануваме внимателни во врска со прогнозата“ е превземен од МАКФАКС.