Израелската армија уби најмалку 91 Палестинец, вклучувајќи најмалку 35 деца, во нападите врз Појасот Газа од синоќа, и покрај договорот за прекин на огнот, соопштија медицински извори, објави Анадолија.
Израелската армија уби 31 лице на север, 42 во централните области и 18 на југ од Појасот Газа. Десетици цивили беа ранети во нападите, објави државната новинска агенција Вафа, повикувајќи се на извори во болниците во Газа.
Израелските напади погодија куќи, шатори што се користат како засолништа за раселени цивили, возило, засолниште и болница во рамките на таканаречената „жолта линија“, изјавија медицински лица за агенцијата Анадолија.
„Жолтата линија“ се однесува на зоната во која израелските сили се повлекле во согласност со договорот за прекин на огнот. Таа физички го дели Појасот Газа на два дела, лоцирани во рамките на територијата на Газа, јужно од градот Газа и северно од Кан Јунис.
Во северна Газа, израелската армија таргетираше училиште претворено во засолниште во областа Беит Лахија, при што загинаа тројца цивили и беа ранети неколку други.
Израелската армија гранатираше две куќи во населбата Ал-Наср во бегалскиот камп Шати во западниот дел на градот Газа, при што загинаа осум лица.
Нов израелски напад во среда наутро погоди џамија што служи како засолниште за раселени лица во населбата Сабра во градот Газа, изјавија очевидци за агенцијата Анадолија.
Две лица беа убиени, а десет беа ранети во населбата Зејтун во Газа. Неколку цивили сè уште се водат како исчезнати под урнатините на куќа погодена од израелската армија, додека неколку лица беа ранети во друг напад југозападно од Зејтун.
Израелската армија уби мајка и дете во населбата Тел ал-Хава во Газа.
Четири лица загинаа во напад врз шатор
Во централна Газа, четири лица беа убиени откако израелски напад го погоди нивниот шатор во Деир ал-Балах.
Шест лица беа убиени, а неколку други беа ранети кога израелски авиони бомбардираа училиште претворено во засолниште и куќа во бегалскиот камп Буреиџ.
Пет лица беа убиени во напади врз неколку домови во бегалскиот камп Нусејрат.
Во сличен напад, девет лица, меѓу кои четири деца, беа убиени, а девет се водат како исчезнати под урнатините на куќа погодена од израелската армија во кампот Нусејрат.
Осум лица, меѓу кои три деца, беа убиени во израелски напад врз шатори во кои се сместени раселени семејства во областа Ал-Маваси, западно од Кан Јунис, во јужна Газа.
Медицински извори изјавија дека бројот на жртви може да се зголеми бидејќи многу од ранетите се во критична состојба, а потрагата по исчезнатите под урнатините сè уште е во тек.
фото: принтскрин
Текстот Палестинци: Израел нападна засолништа, домови и џамија во Газа – загинаа повеќе од 90 луѓе е превземен од МАКФАКС.























