Пакистан ги затвори сите гранични премини со соседен Иран на неодредено време, потврдија покраинските власти, додека Израел и Иран разменуваат интензивен оган и се закануваат со понатамошни напади.

„Граничните премини во сите пет области се затворени“, изјави за АФП Кадир Бакш Пиркани, висок функционер во покраината Белуџистан, која граничи со Иран.

Од Техеран за време на викендот беше испратена порака дека Пакистан ќе го нападне Израел со нуклеарно оружје во случај на израелски нуклеарен напад врз Иран.

Зборувајќи на државната телевизија, генералот Мохсен Резаи, висок ирански воен командант и член на Советот за национална безбедност, рече дека Пакистан се согласил да го поддржи Иран и да започне нуклеарен напад во случај на израелски нуклеарен напад.

„Пакистан ни кажа дека ако Израел употреби нуклеарна бомба врз Иран, тогаш и Пакистан ќе го нападне Израел со нуклеарна бомба“, рече Резаи.

Сепак, Пакистан го негираше тврдењето. Пакистанскиот министер за одбрана Хаваџа Мухамед Асиф рече дека Пакистан не презел таква обврска.

„Нашите нуклеарни капацитети служат за доброто на нашиот народ и за одбраната на нашата земја од непријателските планови на нашите непријатели. Ние не водиме хегемонистичка политика против нашите соседи, како што Израел прави обилно овие денови“, рече Асиф.

Текстот Пакистан ги затвори сите гранични премини со Иран е превземен од МАКФАКС.