Холандската влада падна утрово откако Герт Вилдерс, лидер на крајно десничарската партија ПВВ, ја напушти владејачката коалиција поради несогласувања околу плановите за азил, објавија холандските медиуми.
„Нема потписи за нашите планови за азил, нема промени во главниот коалициски договор. ПВВ ја напушта коалицијата“, напиша Вилдерс на социјалните медиуми.
На прес-конференција минатата недела, Вилдерс презентираше план од десет точки за намалување на миграцијата, вклучувајќи распоредување на армијата за обезбедување и патролирање на границите, затворање на центрите за прием на бегалци и враќање на сите сириски бегалци во Сирија, тврдејќи дека земјата повеќе не е земја со висок ризик.
Вчера, тој побара од тројца други лидери на партиите да ги „потпишат“ плановите и да обезбедат дека некои мерки ќе бидат спроведени во рок од неколку недели. Во спротивно, тој објави дека ќе ја напушти коалицијата.
Четирите партии се состанаа вчера вечерта и повторно утрово, каде што Вилдерс го потврди своето заминување, објави Dutch News.
Лидерката на BoerBurgerBeweging (BBB) Керолин ван дер Плас го изрази својот гнев и го опиша потегот на Вилдерс како „неодговорен“. „Тој ги има сите адути во рака, а сепак само прекинува сè“, им рече таа на новинарите.
Николин ван Вронховен, која го замени Питер Омцигт како лидер на Новиот социјален договор (NSC), ја нарече одлуката „неразбирлива“, додека Дилан Јесилгоз, лидерка на втората најголема коалициска партија, Volkspartij voor Vrijheid en Democratie (VVD), рече дека нема разлика во мислењата меѓу партиите.
„Имавме десничарско мнозинство, а тој фрли сè поради своето его“, им рече таа на новинарите. „Тој едноставно прави што сака“.
Текстот Падна холандската влада поради несогласувања околу плановите за миграција е превземен од МАКФАКС.