Очната клиника со бесплатно мерење очен притисок на Плоштад Македонија денес го одбележува Светскиот ден на глаукомот. Ова заболување нема симптоми па лекарите апелираат за чести прегледи и скрининзи за да може да се открие во рана фаза, што, пак, е битно за успешно лекување.
Глаукомот претставува втора причина за слепило во светски размери, а исто така и кај нас. Секојдневно на Клиниката се соочуваме со илјадници нови пациенти кои доаѓаат и кај кои се дијагностицира ова заболување, случајно. Го напомнувам случајно, бидејќи заболувањето оди асимптоматски. Кабинетот изработи и флаери за глауком. Во нив се сите податоци околу заболувањето, колку често треба да се оди на преглед, како да се врши скринигот и слично, рече доктор Ирина Богданова, офталмолог во Очната клиника во Скопје.
Контроли на очниот притисок, Богданова смета дека треба да бидат дел од систематските прегледи.
Како офталмолози сакаме да апелираме за редовни офталмолошки прегледи со тоа што барем еднаш во годината прегледите да бидат рутински. Не да се јавуваат на офталмолог само кога имаат потреба туку еднаш во годината рутиснки да одат на офталмолог. Исто така ќе се бориме мерењето на очниот притисок да се воведе во систематските прегледи. Како што се мери крвен притисок секоја година, да се мери и очен притисок токму за превенција од ова заболување, кое е многу битно навреме да се детектира, рече Богданова.
Министерот за здравство, Илир Демири, рече дека се одлучиле со бесплатно мерење очен притисок да го одбележат Светскиот ден на глаукомот за да ја кренат свеста за заболувањето и да укажат дека тоа нема симптоматологија како и да укажат на потребата од негово рано откривање за успешно лекување.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.