Американски и руски владини претставници разговараа за неколку енергетски договори на маргините на мировните преговори за Украина што се одржаа во август, изјавија за Ројтерс пет извори запознаени со разговорите.
Предложените договори имаат за цел да го охрабрат Кремљ да се согласи на мир, додека Вашингтон за возврат би ги ублажил санкциите воведени врз Русија по нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година, кои ја исклучија земјата од повеќето меѓународни инвестиции во енергетскиот сектор.
Што точно им понуди Америка на Русите?
Според три извори, официјални лица разговарале за можноста „Ексон Мобил“ да се врати во рускиот проект за нафта и гас „Сахалин-1“. Покрај тоа, четири извори рекоа дека се дискутирало и за можноста Русија да купи американска опрема за своите ЛНГ проекти, како што „Арктик ЛНГ 2“, кој е под западни санкции. На почетокот на август, „Ројтерс“ објави и за идејата САД да купат нуклеарни мразокршачи од Русија.
Разговорите се одржале за време на посетата на американскиот претставник Стив Виткоф на Москва, каде што се сретнал со рускиот претседател Владимир Путин и неговиот инвестициски претставник Кирил Дмитриев.
„Белата куќа сакаше да даде голема изјава веднаш по Алјаска“
Сè беше дискутирано и во Белата куќа со американскиот претседател Доналд Трамп, според два извори, а договорите беа накратко споменати на самитот во Алјаска на 15 август.
„Белата куќа сакаше да даде голема изјава по самитот во Алјаска, најавувајќи голем инвестициски договор. Тоа би му дало на Трамп чувство на исполнетост“, рече еден извор.
Службеник на Белата куќа рече дека Трамп продолжува да работи со руските и украинските претставници за да постигне мир, додавајќи дека „не е во национален интерес јавно да се преговара за овие прашања“.
Притисок и геополитичка игра
Во исто време, Трамп се закани дека ќе воведе дополнителни санкции врз Русија доколку мировните преговори не успеат, како и високи царини врз Индија, клучен купувач на руска нафта. Најновите разговори се префрлија на билатерални договори меѓу САД и Русија, заобиколувајќи ја Европската Унија, која остана цврста во својата поддршка за Украина.
Значајно е што на истиот ден со самитот во Алјаска, Путин потпиша декрет со кој би можел да им се овозможи на странските инвеститори, вклучувајќи го и „Ексон Мобил“, повторно стекнивање удел во проектот Сахалин-1.
„САД ја охрабруваат Русија да купува американска, а не кинеска технологија“
Условот е странските акционери да преземат чекори за да го поддржат укинувањето на западните санкции. Да потсетиме дека Ексон ги напушти своите руски операции во 2022 година со отпис од 4,6 милијарди долари, а Кремљ го заплени својот удел од 30% во проектот.
Еден од изворите тврди дека Вашингтон се обидува да ја охрабри Русија да купува американска, а не кинеска технологија, како дел од пошироката стратегија за ослабување на односите меѓу Пекинг и Москва, кои го прогласија своето партнерство за „стратешко без ограничувања“ само неколку дена пред почетокот на инвазијата.
фото: принтскрин
Текстот Откриено е што САД ѝ нудат на Русија: „Сакаа да објават ударна вест веднаш по Алјаска“ е превземен од МАКФАКС.