Британски археолози тврдат дека разоткриле една „вековна мистерија“ на опатијата Фонтejн, откако на местото на „мистериозното“ земјиште биле пронајдени траги од кожарница стара околу 850 години, објави „Дејли мејл“.
Научниците кои ги проучуваат урнатините на опатијата изградена 1132 година во Северен Јоркшир, долго време се обидуваа да откријат за што служеле плитките бразди што личат на „ленти за куглање“ во источниот дел од комплексот. По истражувањето на областа, археолозите откриле дека тогаш имало две големи камени градби широки 16 метри, околу кои се наоѓале резервоари за вода и други помали градби – типични за старите работилници за преработка на кожа.
Според истражувачите, кожарницата била пуштена во погон од 1150-тите или 1160-тите. Тие нагласуваат дека откривањето на остатоците од зданијата е „делот што недостасувал“ во сложувалката, иако во 20. век не се сметаше дека има шанси ова место да биде археолошко наоѓалиште.
Се наведува и дека кожарницата работела до 1539 година, кога при Aнглиската реформација, кралот Хенри Осми ги затворил сите манастири во Англија и храмот на опатијата бил уништен. Урнатините на опатијата денес се дел од светското наследство на УНЕСКО. (МИА)