Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле со одлука на Владата во октомври прераснува во Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје. По повод промената на дејноста, видот и називот на болницата за деца „Козле“ во Скопје, премиерот Димитар Ковачевски денеска ја посети институцијата која со одлука на Владата прерасна во универзитетска клиника.
Се очекува дека со одлуката за промена на дејноста на оваа здравствена установа ќе се добие побрзо и поефикасно дијагностицирање, третман и лекување на пациентите и ќе се намали притисокот кон други установи, со што ќе се обезбеди подостапна и поквалитетна здравствена заштита за пациентите.
Со оваа одлука се овозможува проширување на дејноста на оваа здравствена установа преку специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита и здравствена дејност на терцијарно ниво од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изведување образовна дејност, вршење усовршување на здравствените работници и научно-истражувачка дејност, како и вршење здравствени услуги кои бараат стручен, организациски и технолошки сложен и мултидисциплинарен здравствен третман од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изградување и спроведување на стручно-медицински доктринарни критериуми во својата област и укажување стручно -методолошка помош на здравствените установи од соодветната гранка на медицината.
Повеќе од 70 години, „Козле” е симбол на професионалност и грижа за децата и со проширување на дејноста тоа заслужено се надградува и се отвораат можности за натамошен развој на оваа установа, рече Ковачевски.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.