Вечерашниот концерт „Четири раце“ на Димчо Величков (Бугарија) и Мариана Ковал (Украина), кој требаше да се одржи во Музејот на македонската борба за самостојност во 20:30ч, се откажува, поради лоши временски услови кои попречија во патувањето на овие меѓународно познати и признати уметници.

Програмата на 46. „Скопско лето“ продолжува утре вечер – 10.07.2025г. (четврток) со концерт на Алтус НЗ Ансамблот со почеток во 19:19 часот во Салон 19’19.

Билетите се во продажба на karti.com.mk, а ќе се продаваат и пред почетокот на настанот, на влез на Салон 19’19.

На 11.07.2025г. (петок), со почеток во 11:00 часот во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се одржи промоција на книгата „Предизвикот Ништо“ од Давор Тоциновски. Претставува текстуално документирани ликовни перформанси.

Исто така во петок, со почеток во 20:00 часот на Амфитеатарот позади Спомен куќата Мајка Тереза ќе се одигра детска театарска претстава „Штурците и мравките“ во продукција на Театар Провокација.

Претставата е мјузикл за најмалата публика, која е работена по мотиви од басната „Штурецот и мравката“.

Билетите по цена од 300 денари се во продажба на karti.com.mk, а ќе се продаваат и пред почетокот на настанот на влезот на Амфитеатарот позади Спомен куќата Мајка Тереза.

На 12.07.2025г. (сабота) ќе биде отворена изложба на Ирена Расовиќ (Црна Гора), под наслов „Соништата“, во 20:00 часот во Националната галерија на Македонија – Мала станица.

Делата на Ирена Расовиќ припаѓаат на правецот на фантастичен реализам и надреализам, носејќи визии на светот исполнети со симболика, но и топлина и сигурност. Водата, сонцето и каменот се доминантни мотиви, прикажани како носители на живот и хармонија. Водата во нејзините дела не потопува, туку дава живот и ги смирува и прочистува.

Инспирацијата ја црпи од природата и пејсажите на Црна Гора, која ја гледа како вистински предизвик за уметничко изразување. Изложбата „Соништата“ беше прикажана минатата година во Црна Гора.

Текстот Откажан вечерашниот концерт на Скопско лето, програмата продолжува утре е превземен од МАКФАКС.