Најавата на премиерот на Албанија, Еди Рама, за спојување на идеите на иницијативата „Отворен Балкан“ во Берлинскиот процес ќе биде поздравено од многу кругови во Европската унија. Нема официјална реакција за тоа, но неформално некои европски дипломати за Радио Слободна Европа велат дека тоа би било и оти би било големо олеснување за зајакнување на Берлинскиот и другите процеси.
Во рамките на Отворен Балкан беа постигнати неколку договори за економска соработка и слободно движење. ЕУ отсекогаш била нејасна во врска со оваа иницијатива. Формално не се спротивставува, бидејќи, во принцип Брисел поддржува каква било иницијатива насочена кон зајакнување на регионалната соработка. Но, од друга страна, многу региони во ЕУ ја гледаат како дуплирање на постојните процеси, како што се Заедничкиот регионален пазар, Берлинскиот процес, Советот за регионална соработка, Договорот за слободна трговија – ЦЕФТА и други.
Имајќи предвид дека во иницијативата Отворен Балкан, дури и по неколку години, останаа само три земји-членки, не може да се каже дека таа е инклузивна. Затоа, многу дипломати во ЕУ неформално, изразија став дека оваа иницијатива нема целосна поддршка на Балканот. Наместо тоа, ЕУ ги повика земјите во регионот да се фокусираат на Берлинскиот процес, иако формално не е дел од институционалното постапување на Европската унија. Од друга страна, Берлинскиот процес доби целосна поддршка од сите шест земји од регионот на Западен Балкан, како и меѓународна поддршка. Целта на оваа меѓувладина иницијатива е да ги поврзе земјите од Западен Балкан и Европската Унија и да им помогне да изградат меѓусебни односи врз основа на европските вредности. ЕУ беше многу активна во поддршката на овој процес, подготвена и да кофинансира некои проекти.
Изјавите на албанскиот премиер Еди Рама, кој ќе биде домаќин на следниот самит на Берлинскиот процес, многу дипломати во ЕУ ги сметаат како можност за фер излез. Според нив, трите земји од Отворен Балкан ќе можат да кажат дека оваа идеја не била залудна и оти ќе го збогати Берлинскиот процес. Во меѓувреме, велат дипломатите, ќе биде укинат и притисокот врз Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина кои досега не сакаа да станат дел од Отворен Балкан.
Берлинскиот процес започна како идеја на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Нејзиниот наследник, Олаф Шолц, исто така, одлучи да го задржи како приоритет. Тој беше домаќин и организатор на самитот на кој беа потпишани неколку клучни договори меѓу шесте земји од Западен Балкан.
Вјолца Алити