Здравјето на граѓаните е најважно, изјави премиерот Димитар Ковачевски, при денешното отворање на хибридна сала на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија. Кардиохирурзите започнаа да работат во хибридна операциона сала, која е прва ваква сала во државата.
Денеска правиме еден голем успешен исчекор во следење на современите медицински трендови, што само говори за нашата сериозност како Влада, дека во наш фокус е зајакнување на јавното здравство, инвестирање во човечки ресурси, модернизирање на болниците, посочи премиерот.
Во центарот на здравствените реформи, нагласи тој, секако, се пациентите, „тие заслужуваат најдобар, најсовремен, болнички третман, навремено лекување и рана дијагностика“.
Јас утрово го посетив пациентот на кој вчера му беа извршени интервенции во хибридната сала и тој се чувствува добро, набрзо ќе замине дома и многу скоро ќе се врати на неговото секојдневие, информираше Ковачевски.
Тој потсети дека хибридната операциона сала овозможува хирургија со малку компликации, кратка рехабилитација, таканаречена минимално инвазивна хирургија. Ваквите процедури, додаде, покрај медицинската оправданост, секогаш се преферираат од страна на пациентот. На тој начин тој побрзо се враќа на секојдневниот живот и истовремено, државата троши помалку средства во неговата рехабилитација. Со оваа хибридна кардио-васкуларна сала, рече, се има можност да се направи многу голем исчекор во следењето на медицинските трендови и медицината базирана на докази, а најголемиот бенефит од овој проект, го имаат пациентите.
Нивното задоволство е мерило на сѐ она што како Влада, како Министерство за здравство и како Клиника се залагаме да го реализираме. Здравјето на нашите граѓани е најважно, ништо не е повредно од тоа и затоа ништо нема да нѐ поколеба да останеме посветени да овозможиме најсовремени услови за лекување. Тимот на хирурзи, лекари, целокупниот медицински персонал, овде во овој Универзитетски центар – Клиниката за кардиохирургија, досега во многу наврати нѐ направиле горди и среќни со нивната стручна експертиза, посветеност во работата, заштитата на пациентите, грижата за нив, подвлече премиерот.
Ковачевски потсети дека среде корона-кризата, на оваа Клиника се испиша историја за македонското здравство, се направи првата кадаверична трансплантација на срце во земјата, односно трансплантација од починат донор. Сега со новата хибридна операциона сала, Ковачевски верува во многу успешни операции и многу задоволни пацинети.
Како Влада имаме одговорност да се грижиме за пациентите и за здравствените работници и ние ќе продолжиме да го правиме тоа. Повеќе од 40 години, здравствениот систем во Република Македонија беше во клиничка кома. Со сите овие залагања, од реновирање на клиники и болници ширум државата, од купување на современа апаратура, реновирање и комплетна реконструкција на операциони сали, по светски стандарди, реконструкција и опремување на цели болнички оддели, ја покажуваме нашата цврста определба за развој на здравствениот систем во Македонија, рече Ковачевски.
Тој истакна дека пријателската поддршка е од голема помош во зајакнување на капацитетите во јавно-здравствените установи. Премиерот упати благодарност до амбасадата на Јапонија и до амбасадорот Оцука Казуја, за донацијата на бронхоскоп, апарат што на Клиниката за кардиохирургија ќе се користи и во операциона сала и во интензивна нега.
Директорот на клиниката, професор доктор Сашко Јовев, рече дека им е чест што се домаќини при отворањето на прва ваква сала во државата и пошироко и ставањето во употреба на апаратот за долготрајна вонтелесна срцева и белодробна поддршка. Тој нагласи дека работат сѐ што се работи во моментов во светот од областа на нивната субспецијалист, имаат знаење, искуство, тимска работа, најсофистицирана опрема.
Нашиот народ добива нови модалитети за третман на најтешките и најчестите заболувања. Клиничкиот кампус поголема сигурност. А државата, ултрамодерна клиника, нагласи тој, осврнувајќи се и на други програми што ги работат и упатувајќи благодарност до стручниот тим на клиниката, Светска банка и Фондот за здравствено осигурување, министерот за здравство.
Задоволство од отворањето на првата хибридна сала во државава, изрази и јапонскиот амбасадор.
Мило ми е што бронхоскопот, донација од народот на Јапонија, ќе се користи тука, додаде Оцука Казуја, осврнувајќи се на поддршката што континуирано ја даваат низ годините.
Кристијан Бундовски, специјализант по васкуларна хирургија истакна дека ова е прва ваква сала во државата. Многу е значајна, бидејќи кардиоваскуларните заболувања се водечки по смртност во светот, неопходно е нивно брзо решавање, без да се губи време. Во оваа сала, ќе работи заедно со професорот Сашко Јовев, директорот, кардиохирург и со доктор Никола Лазовски, васкуларен хирург.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.