Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ свечено ќе биде отворен на 3 јуни во 20:30 часот во Музејот на современа уметност со изложбата „ПАНК. СУПКУЛТУРА. СОЦИЈАЛИЗАМ. АРХИВИ И ФОТОГРАФИЈА ОД СЛОВЕНИЈА“ – голема архивска поставка што низ фотографија и документи го истражува словенечкото панк-движење од крајот на 1970-тите до средината на 1980-тите години.

Курирана од филозофката и теоретичарка Марина Гржиниќ, во соработка со Славчо Димитров, изложбата претставува ретка можност за домашната публика да се соочи со визуелната и политичката историја на супкултурниот отпор во поранешна Југославија.

Ова ќе биде петтото поставување на изложбата. По славното отворање во Grand Gallery на Цанкарјев дом во Љубљана, изложбата патуваше низ различни европски градови: Пфорцхајм, Грац/Лафелд, Нови Сад, а сега и во Скопје, со враќање во Словенија за изложба во Мурска Собота во 2025 година.

Фокусот на изложбата е на визуелната култура на словенечкиот панк од 1977 до средината на 1980-тите години – период на експлозивна алтернативна енергија, самоархивирање и отпор. Во МСУ изложбата е прилагодена на темите на сексуалност, супкултура и телесен перформанс и нагласува како фотографијата ја обликувала естетиката и политиката на панкот: документ на бунт, критика и самоизразување. Преку архивски слики од концерти, протести и улични собири, се прикажува животот на една сцена што истовремено ги предизвикувала нормите и ја градела колективната меморија.

На 4 јуни во КСП Јадро, со почеток во 19:00 часот, програмата продолжува со симпозиумот „За квир културата, Балканот, Источна Европа и глобалните транс* побуни“, кој отвора простор за теоретска, поетска и политичка дискусија. На симпозиумот ќе учествуваат автори, уметници и истражувачи од Словенија, Германија, Австрија и Шпанија – Марина Гржиниќ, Тјаша Канцлер, Весна Липоник, Јануш Чех и ДК – кои ќе зборуваат за историите и современите стратегии на отпор на ЛГБТ+, квир и транс заедниците во однос на државната моќ, доминантните наративи и глобалниот технокапитализам. Симпозиумот ги поврзува уметноста, поезијата, порнографијата и политиката, со цел да се артикулираат радикални и деколонијални визии за идни побуни и политички заедништва.

Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ ќе се одржи од 3 до 14 јуни во неколку културни институции во Скопје: МСУ Скопје, МКЦ, КСП Центар-Јадро и Театар Комедија.

 

Текстот Отворање на Фестивалот „Викенд на гордоста – Скопје 2025“ на 3 јуни е превземен од МАКФАКС.