Осум деца и една жена починаа откако јаделе месо од морска желка во архипелагот Занзибар, јавува Скај њуз. Властите соопштија дека 78 лица се хоспитализирани откако јаделе оброк од месо од желка на островот Пемба.
Во Занзибар, месото од желка се смета за деликатес. Јадењето контаминирано месо од морска желка може да предизвика хелонитоксичност, редок вид на труење со храна што може да биде фатално. Не постои познат противотров и на пациентите може да им се понуди само супортивен третман.
Хаџи Бакари, лекар од областа Мкоани, рече дека лабораториските тестови покажале дека сите пациенти јаделе месо од желка минатиот вторник. Тој додаде дека жената која почина во петокот е мајка на дете кое починало еден ден претходно од труење.
Властите во Занзибар, полуавтономниот регион на Танзанија, испратија тим за управување со катастрофи на островот. Тимот ги повика луѓето во Занзибар да не јадат јадења со месо од желка.
Во ноември 2021 година, тригодишно дете и шест други починаа на Пемба откако јадеа месо од желка, а три лица завршија во болница.
Симптомите на хелонитоксичност варираат, но вклучуваат гадење, повраќање и чир во грлото и устата. Во тешки случаи, пациентите може да страдаат од мускулна слабост, делумна парализа и вознемиреност, а некои може да паднат во кома, пишува Скај њуз.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.