Судењето на дваесет и седум лица под обвинение за перење пари поврзани со скандалот за даночно затајување „Панамски документи“, кој откри колку од светските богаташи го криеле своето богатство во офшор компании, ќе започне денеска, пренесува новинската агенција МИА.
Во 2016 година, скандалот ги потресе владите, разоткри високи личности, доведе до серија истраги ширум светот и ја наруши репутацијата на Панама како оф-шор финансиски центар.
Меѓу обвинетите на кои ќе им се суди во кривичниот суд во Панама се Јирген Мосак и Рамон Фонсека Мора, основачите на сега веќе непостоечката панамска адвокатска фирма во центарот на скандалот.
Повеќе од 11 милиони датотеки од нивната компанија „Мосак Фонсека“ (Mossack Fonseca) инкриминираа влијателни луѓе, вклучувајќи милијардери, политичари и спортски ѕвезди.
Исландскиот премиер Зигмундур Дејвид Гунлаугсон беше принуден да поднесе оставка откако беше откриено дека неговото семејство има офшор банкарски сметки.
Тогашниот пакистански премиер Наваз Шариф доби доживотна забрана за вршење јавна функција, откако документите го инкриминираа.
Меѓу другите луѓе се и поранешниот британски премиер Дејвид Камерон, фудбалската ѕвезда Лионел Меси, тогашниот аргентински претседател Маурицио Макри и шпанскиот филмски режисер Педро Алмодовар.
Документите беа испратени до германскиот весник Sueddeutsche Zeitung, кој потоа ги сподели со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари.
Многумина инволвирани во аферата ги објавија своите причини за тоа и рекоа дека не постапиле незаконски.
Сепак, „Мосак Фонсека“ во 2018 година објави дека ќе се затвори поради „ненадоместлива штета“ на нејзиниот углед.
Панама усвои нови закони по избивањето на скандалот, но оваа централноамериканска земја останува на црната листа на Европската унија за даночни раеви.
Затајувањето данок во Панама почнува да се казнува од 2019 година и за суми поголеми од 300.000 американски долари годишно.
На Мосак и Фонсека им се судеше во Панама во 2023 година за наводно перење пари како дел од бразилскиот корупциски скандал поврзан со градежниот гигант Одебрехт.
Обвинителството за тој случај побара затворска казна до 12 години и за двајцата, а пресудата се уште не е објавена.
Најновото судење се очекува да трае до 26 април, велат од судството.