Република Северна Македонија и Бугарија работат на изнаоѓање решение за спорот врз основа на предлозите на германското и португалското претседателство со ЕУ кои ги презеде и словенечкото претседателство, соопшти на конференцијата на „Економист“ во Скопје, министерот за надворешни работи Бујар Османи, јавува ДВ.
Според шефот на дипломатијата, од неодамна Бугарија го променила наративот, па сега, од идејата за „наметнување на еднострана апсолутна вистина“, преминала на почитување на правото на граѓаните сами да одлучат дали е за нив прифатлив тој наратив. Решението на спорот, Османи сега го гледа во внесување на Бугарите во Уставот.
„Преку внесување на Бугарите во нашиот Устав тие ќе добијат можност да ги изразат својот идентитет и културните и историските атрибути. Македонија е позната по тоа што им дава можност на своите заедници слободно да се изразуваат и мислам дека тоа е патот напред“, рече Османи. Идејата за внесување на Бугарите во Уставот, Османи за првпат јавно ја спомена во март годинава. Техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев јавно проговори за идејата во јули годинава, стои во материјалот на ДВ.