Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, остро ја осуди Парадата на гордоста што вчера се одржа во Будимпешта, нарекувајќи ја „одвратна и срамна“. Во објава до своите поддржувачи, тој го обвини Брисел дека стои зад организацијата на настанот, кој, според него, прераснал во антивладин протест.

„Брисел издаде наредба дека треба да има Парада во Будимпешта. Нивните марионетски политичари ја извршија наредбата“, напиша Орбан во порака до затворената онлајн група на своите приврзаници.

Орбан порача дека парадата е јасен показател за тоа што би се случувало во Унгарија доколку неговата партија ФИДЕС не беше на власт. Тој тврди дека, иако на Парадата имало многу луѓе, тие не можат да се споредат со 3,7 милиони учесници на референдумот за родова еднаквост во 2022 година.

„Од вчера, знаеме уште повеќе со сигурност дека на овие луѓе не треба да им се дозволи да го преземат кормилото на Унгарија. И ние нема да им дозволиме“, истакна Орбан.

Премиерот го осуди и визуелниот дел од Парадата, коментирајќи дека на сцената имало „шоу на ‘драг’ кралици“, „мажи во високи потпетици“ и „брошури за хормонска терапија“. Според него, тоа не е прашање на гордост, туку на срам.

Во своето обраќање Орбан ја поврза Парадата и со други горливи теми како миграцијата, намалувањето на комуналните трошоци и ставовите кон Украина и војната.

На крајот, тој испрати порака: „Се бориме за вистината! Борба против лагите!“