Вакцинацијата на целото унгарско население против Ковид-19 е неизбежна, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан, додавајќи дека дури и „најтешките антивакери“ на крајот ќе треба да изберат меѓу вакцинација или смрт, пренесува RT.
Зборувајќи за унгарското радио Кошут, унгарскиот премиер ги осуди оние кои се двоумат да се вакцинираат, нарекувајќи ги закана „не само за сопственото здравје, туку и за здравјето на другите“.
– На крајот сите ќе треба да се вакцинираат; дури и противниците на вакцинацијата на крајот ќе сфатат дека или ќе се вакцинираат или ќе умрат. Затоа ги повикувам сите да ја искористат оваа можност, рече Орбан.
Оваа членка на Европската унија во моментов се справува со четвртиот бран на короната, за кој Орбан како главен виновник ги гледа оние кои сѐ уште не се вакцинирани.
-Да беа сите имунизирани, немаше воопшто да има четврти бран или ќе беше многу поблаг, убеден е Орбан.
Унгарија веќе најави нови мерки против КОВИД, иако нешто поблаги од оние препорачани од Унгарската лекарска комора. Таа здравствена управа повика на забрана на сите јавни собири и предложи задолжително да се презентираат Ковид-потврди при влез во ресторани, театри и други јавни места во затворен простор.
Но, наместо тоа, Будимпешта воведе само задолжителни маски во затворени простории и задолжителна вакцинација со трета доза за сите здравствени работници.
Оваа земја со 10 милиони жители има регистрирано вкупно нешто помалку од еден милион случаи на инфекција. Во петокот беше поставен и нов дневен рекорд од скоро 11.300 нови инфекции. Во Унгарија од Ковид-19 починале вкупно 32.700 луѓе.