Унгарскиот премиер Виктор Орбан повика на директна средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп, опишувајќи го тоа како единствен реалистичен начин за завршување на конфликтот во Украина, објавува „24.ху“.
Во интервју за „Јутуб“ каналот Ultrahang објавено вчера, Орбан го нарече Трамп човек на мирот, но изрази скептицизам во врска со искреноста на другите западни влади и функционери во Киев.
„Сите велат дека сакаат мир, но војната сè уште трае. Тоа значи дека некој лаже“, рече тој, обвинувајќи ги некои страни дека имаат свои интереси во продолжувањето на војната.
„Тие сакаат војната да продолжи, без разлика што велат. Договорот нема да дојде од Киев. Мора да дојде од Вашингтон и Москва. Дотогаш, нема да има мир. Конфликтот нема да заврши сè додека рускиот и американскиот претседател не седнат на преговарачка маса“, рече Орбан.
Тој изрази надеж дека таков состанок би можел да постави основа за широк договор што би ја опфатил не само Украина, туку и глобалната трговија и контролата на оружјето.
Претходно оваа недела Трамп изјави дека е многу, многу незадоволен од Путин и им се закани на трговските партнери на Москва со сериозни секундарни тарифи ако нема дипломатски напредок во рок од 50 дена.
Будимпешта постојано ги критикува напорите за вооружување на Киев и се спротивставува на неговите амбиции за членство во ЕУ и НАТО, предупредувајќи дека тоа го продолжува конфликтот на сметка на европската економија и даночните обврзници.
Откако се врати на функцијата во јануари, Трамп имаше неколку телефонски разговори со Путин и размени изјави за тоа кој е одговорен за недостатокот на напредок – Москва или Киев.
Текстот Орбан: Војната во Украина нема да заврши додека Трамп и Путин не седнат на преговарачка маса е превземен од МАКФАКС.