Унгарскиот премиер Виктор Орбан побара одобрувањето на пристапните преговори на Украина за членство во Европската Унија да се отстрани од дневниот ред на самитот на ЕУ идната недела.
Во писмото до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој ќе претседава со самитот во Брисел, унгарскиот премиер исто така бара на дневниот ред да не се става ниту финансиската помош за Украина.
Орбан тврди дека Киев не е подготвен да ги започне преговорите за пристап во ЕУ.
Неговиот став е спротивен на оној на Европската комисија, која минатиот месец препорача почеток на пристапните преговори за Украина веднаш штом ќе исполни некои услови.
Орбан го повика Мишел да не инсистира на донесување одлука на Европскиот совет за овие прашања на самитот во декември бидејќи „очигледниот недостаток на консензус неизбежно ќе доведе до неуспех“. Тој инсистира на тоа дека прво е потребна „стратешка дискусија“ за членството на Украина во ЕУ и предупреди дека принудувањето на ова одлука може да го уништи единството на ЕУ.
„Советот „мора да го избегне ова контрапродуктивно сценарио за доброто на единството, кое е наша најважна предност“, пишува Орбан во писмото до Мишел.
Сепак, во писмото директно не се наведува дека Унгарија ќе стави вето за отворањето на преговорите со Украина.